Туршијата со полнети пиперки со зелка е незаменлив дел од многу наши трпези во есенските и зимските денови.




Подготовката на зимницата за претстојните постудени денови е во полн ек, затоа ви го пренесуваме овој одличен рецепт за туршија со полнети пиперки со зелка, со кои во секое време ќе имате подготвен оброк.
Имено, доволно е да додадете парче месо и ручекот е готов! И не само тоа, штом еднаш ќе го вкусите нивниот неодолив вкус, сигурно ќе ги правите секоја година!




Потребни состојки:
3-4 кг зелка
5-6 кг жолти пиперки
5 l вода
150 гр сол
Како се подготвуваат?




Пиперките исчистете ги од дршките и семките, измијте ги и наредете ги на чинија обложена со памучна крпа да се исушат убаво. Сувите пиперки посолете ги малку, наредете ги во тавче и оставете ги да отстојат околу еден час.
Отстранете го првиот слој листови од зелката, исечете ги корените и измијте ја, а потоа изрендајте ја. Потоа постепено посолете ја со две лажици сол и измешајте со раце за солта да помине насекаде.




Исто така оставете ја да отстои околу еден час. Растворете 150 g сол во 5 l вода и мешајте додека солта целосно не се раствори. Наполнете ги пиперките до врвот со зелка и наредете ги во пластичен сад.
Ако ви останало малку зелка, наредете ја над и помеѓу пиперките. Потоа прелијте со солената вода, која претходно сте ја измешале.




Покријте со чинија одозгора, притиснете и оставете да отстои 15 дена. После тоа, овој феноменален прилог е подготвен за јадење! Погледнете ја детално постапката подолу во видеото.






