“Ако се плашите дека ќе изгубите некого, изгубете го. И повеќе не се плашете.”
Ја прочитав оваа реченица некаде многу одамна. Утрово се разбудив со неа во мојата глава. Одекнуваше и одекнуваше низ целото мое битие, па затоа решив да напишам статија за довербата, љубомората и бездната меѓу нив. Бидејќи имам што да кажам на оваа тема, и иако не успеав да се заштитам од некои непријатни ситуации во мојот личен живот, сакам Вас да Ве заштитам. Се надевам дека жените што го читаат овој текст не се препознаваат во него. Тоа би значело дека се прекрасни. Се надевам дека и мажите не ги препознаваат своите жени во него. Ова би значело дека среќата е на нивна страна.
Да почнеме со довербата. Ми се чини ова најважниот елемент на секоја врска и воопшто – на односите меѓу луѓето. Не само во партнерот – важно е и во Вашето дете да имате доверба. Ако ја вежбате нон стоп контролата над него со идеја да не пуши, да не пиеи да биде птица Божја – почекајте само да Ви го види грбот и ќе следи токму спротивното од она на што се надевавте.
За жал, ништо не се случува без доверба. Кога човек постојано се сомнева, тој го труе воздухот околу него. Воздух наменет за дишење, а не за труење. Сега ќе се обидам да ги разјаснам работите од дното. Или барем да ја презентирам својата теза за тоа како си ги објаснувам. Едноставно е – за да не верувате во некого, прво не верувате во себе и своите квалитети. Можам да дадам примери за двата пола. И ќе го сторам тоа веднаш.
Една жена без самоувереност и со погрешна самодоверба, кај која постојат секакви комплекси – за нејзиниот изглед, за нејзините вештини во животот, за нејзиното место во него, за нејзиниот надворешен и внатрешен шарм, за причините зошто партнерот баш ја избрал неа – таа предизвикува сопствен неуспех и сама создава прилики тоа да се случи. Со толку трепет и сомнеж, кошмарите на крајот се остваруваат и се рушат како лустери на нивните глави. Главите кои го насочиле разрушувањето однапред.
Еден маж кој е маж само надворешно, односно неговата мажественост е во неговите мускули и во неговиот изглед, но има внатрешни двоумења и сомнежи во себе, само затоа што неговата сопруга е убава, а тој не е, на крајот излегува идеален тиранин во домот. Врескајќи и незадоволен, што и да му се понуди. Во лошата верзија, тиранинот подоцна станува силеџија, за потоа бегството да биде единственото решение.
Она што излегува од досега напишаното е дека љубомората не е ништо друго освен недостаток на доверба. Затоа, на почетокот истакнав дека тоа е толку суштинско. Затоа што навистина е така. И нема потреба да губите време во сомнеж.
Животот е краток. Краток како навредата што можевме да ја избегнеме. Можевме да не се повредиме, но нашите сомнежи не разјадоа. Сè започнува со него. Секогаш. И прераснува во секакви ужаси. Ви препорачувам да се чувате од него.