Лазаровиот синдром е познат како синдром на привидна смрт.




Ханс Кристијан Андерсен имал бројни фобии, но најмногу се плашел од привидна смрт и ситуација во која ќе биде жив закопан. Различни приказни сведочат дека таквиот страв не е сосема неразумен.
Лазаровиот синдром, или синдромот на привидна смрт, го добил името по библискиот лик Лазар, кого Исус Христос наводно го вратил од мртвите четири дена по неговата смрт. Иако овој синдром постоел низ историјата, тој бил опишан дури во 1982 година и оттогаш биле пријавени голем број такви случаи.
И покрај напредокот во медицината, се случува луѓето да се прогласуваат за мртви, а всушност не се. Станува збор за пациенти кај кои е констатирана клиничка смрт, што значи дека дошло до прекин на работата на срцето и дишењето.




Клиничка смрт и будење пред кремирање
Случај кој сведочи за овој синдром се случи во источната кинеска провинција Жеџијанг во 2016 година. Бебето кое се родило предвреме, по неколку недели поминати на интензивна нега, заминало дома со својот татко.
Меѓутоа, само неколку дена подоцна состојбата на новороденчето нагло се влошила, поради што неговиот татко Јин Хуанг Лу повторно го однел во болница. Лекарите за жал морале да констатираат смрт поради срцева слабост.
Пред да го предаде телото во мртовечница, таткото го облекол синот во неколку слоеви и дополнително телото го завиткал во ќебиња, што, се чини, му го спасило животот.




Откако бебето било 15 часа во фрижидер на -12 ° C, персоналот на мртовечницата во Панан забележал дека детето е живо за време на подготовките за кремирањето.
Се претпоставува дека овој синдром е многу почест, но ретко се пријавува. Причината за тоа е од правна природа, бидејќи зачестените пријави ќе ја доведат во прашање професионалноста на лекарите кои се занимаваат со реанимација.
Ваквите случаи го поставуваат и незгодното прашање дали смртта настанала затоа што лекарите прерано се откажале од реанимација, а она што е најзагрижувачки е фактот дека пациентите кои наводно умреле можеби никогаш не биле мртви, пишува Medical News Today.




Дали постои лажна смрт?
Во основа, вистинскиот показател за смртта е биолошки поврзан со крајот на мозочната активност. Најчести причини за лажна клиничка слика на смрт се хипотермија и разни невролошки нарушувања.
Случаите како овој од 2016 година со бебе покажуваат дека не е неразумно да се плашиме од таков исход. Лекарските власти препорачуваат по смртта, пациентот да се следи уште 10 минути, бидејќи во тој период најчесто нагло се враќа циркулацијата.
Има уште една компликација, а тоа е дека поради трансплантацијата чекањето е многу пократко, во рок од две до пет минути по констатираната смрт, бидејќи колку повеќе поминува времето кога телото ќе остане без циркулација, толку е помала веројатноста дека органот на примачот ќе биде функционален.






