Многу е важно каква мелодија ве буди. Ако веруваме на најновите истражувања, не е сеедно каков звук на аларм ве буди, пишува „Индекс“, бидејќи тој звук влијае на тоа како ќе се чувствувате во текот на денот.
Студија на Универзитетот РМИТ докажа дека мелодичните утрински аларми можат да го подобрат нивото на будност, додека посилните тонови на алармот се поврзани со нивото на утринска непријатност.
Водечкиот автор на истражувањето, Стјуарт Мекфарлејн, објаснува дека утринската тромавост влијае на резултатите што ќе ги постигнеме во текот на денот. „Ако не се разбудите правилно, вашите работни перформанси може да се влошат во период до четири часа, и овој факт е поврзан со големи несреќи“, рече МекФарлејн, додавајќи:
„Ова е особено важно за луѓето кои можеби работат во опасни ситуации веднаш по будењето, како што се пожарникарите или пилотите, но и за оние од кои се очекува да бидат во состојба на готовност, како што е некој што вози во болница во итен случај.
Иако многумина мислат дека посилните тонови ќе ги разбудат, податоците добиени од ова истражување го велат спротивното. Во истражувањето учествуваа 50 луѓе.
Испитаниците користеа специјално дизајнирана онлајн анкета, што им овозможи да учествуваат во истражување од удобноста на сопствениот дом. Секое лице пријави каков звук користеше за да се разбуди, а потоа го процени нивото на бавност и будност според стандардните критериуми за инерција на спиењето.
„Оваа студија е важна затоа што дури и астронаутите на НАСА наведуваат дека инерцијата на спиењето влијае врз нивните перформанси на Меѓународната вселенска станица“, рече Адријан Даер, коавтор на студијата, додавајќи:
„Сметаме дека остар звучен сигнал може да ги попречи или збуни нашите мозочни активности кога се будиме, додека мелодичен звук помага да се разбудиме на поефикасен начин“, пишува Science Daily.


