Обичај е на Ѓурѓовден сите порти да се украсуваат со венци направени од специјални растенија




Ѓурѓовден е еден од најголемите православни празници и празник кој уште од античко време се празнува во сите делови кај нас. На денешен ден, 6 мај, црквата го слави погубувањето на Свети Георгиј, а се почитуваат многу обичаи и обреди.
Освен што е црковен празник и со црвени букви, Ѓурѓовден популарно се слави и како ден кој го означува преминот помеѓу зимата и летото, временска одредница за многу полски работи, но и за борбата против Турците која е опеана во епските песни (од Ѓурѓовден до Митровден).




Многу обичаи се поврзани со овој празник. Еден од нив е капењето во Ѓурѓовденска вода. Во пресрет на Ѓурѓовден треба да се направи венец и да се стави на влезната врата и на капијата, за во куќата да има здравје и благосостојба, а на полето овошје и плод.
Како се прави венец?
Најчесто се користи млечка, која е нежно и меко полско растение, погодно за обликување. Бокорите поделете ги на неколку делови и врзете ги еден по еден со конец или тенко јаже.




Кога ќе завршите со правењето на кругот, украсете го со диви цвеќиња или лековити билки – дрен (за добро здравје на домаќините), габер (за да се „грабат“ невенчаните девојки и неженетите момчиња за партнери), камилица или сезонско цвеќе по желба.
Цвеќето можете да го плетете заедно со млечката или подоцна да ги додадете и да ги прицврстите со конец. Во некои делови е обичај на венецот да се залепи една гранка млад лешник. Покрај млечка, за правење венци може да се користи и миризлив крин од долината.






