Направете домашен мед од бозел по овој едноставен рецепт.




Сезоната на цветање сè уште е во полн ек, па сè уште можете да ги соберете неговите цвеќиња. Патем, бозелот е богат со антиоксиданси кои ги штитат нашите клетки.
Од дамнешни времиња, луѓето го користеле бозелот за лекување на разни заболувања – воспаленија, грип, дигестивни проблеми, проблеми со кожата, задржување на водата во телото, за зајакнување на имунитетот, чистење на телото од токсини.




Бозелот берете го при суво и убаво време, а пред употреба одвојте ги цветовите од гранчињата.
Потребни состојки:
- 50 цветови бозел
- 1 кг домашен мед




Начин на подготовка:
Наполнете тегла со цветови од бозел, па прелијте ги со домашен мед. Малку промешајте, затворете ја теглата и оставете да отстои на собна температура три до седум дена.
Потоа процедете го медот – не преку газа туку преку цедалка. Она што ќе го добиете е мед со многу интензивен вкус на бозел кој можете да го додадете во чајот или да го консумирате секојдневно по една кафена лажичка.




Медот од бозел може да ви стои долго се додека не го потрошите. Само внимавајте да не го чувате на претопло место, без проблем може да се чува во фрижидер.
Она што остана во цедалката не го фрлајте, ставете го во половина литар вода, за да се растопи преостанатиот мед на цветовите, па повторно процедете го. Ќе добиете освежителен пијалок во кој можете да додадете само малку сок од лимон.






